Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека реформите во правосудниот систем се клучни за враќање на довербата кај граѓаните и за функционална правна држава. Тој посочи дека мал број поединци го компромитираат целиот систем и дека тие веќе се идентификувани.

-Имаме малкумина кои ги контаминираат сите останати и тоа е најголемиот проблем во правосудството. Тие малкумина ги имаме детектирано и не можат да бидат дел од нашиот правен систем бидејќи шансата да докажат дека се објективни, а не партиски измеќари, ја испуштија, рече Мицкоски во гостување на Сител телевизија.

Тој посочи дека е неопходно граѓаните да бидат запознаени со начинот на избор на судии и обвинители, бидејќи тоа е клучно за разбирање на проблемите во системот.

-Мора граѓаните да знаат како функционира начинот на избор на судии и обвинители, за да ни биде поедноставно. Тоа се Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а ги регрутира Академијата за судии и јавни обвинители. Вие имате една цела генерација, деветта генерација, за која и Државната комисија за спречување на корупција има мислење дека на незаконит начин завршила. Треба да тргнеме од тука – што правиме со таа одлука? Ако ја поништиме, треба веднаш да го пополниме тој празен простор со нови две генерации судии и јавни обвинители, изјави Мицкоски, додавајќи дека процесот на реформи мора да започне веднаш.

Нагласи дека реформите ќе се спроведуваат транспарентно и во согласност со препораките од оценската мисија на ЕУ.

Exit mobile version