Ако ги направиме уставните измени ќе бидеме најдобри. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони, фронтранери, па потоа ќе добиеме ново вето и нови проблеми, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го Извештајот на Европската комисија (ЕК).

Во Извештајот за напредокот на земјава за 2025 година, ЕК нотира дека С Македонија не направила обид за усвојување на уставните измени.

И покрај оваа забелешка, Мицкоски вели дека е исклучително задоволен од Извештајот, бидејќи, како што рече, земјата не назадува.

„Има стагнација во неколку области, знаеме сите кои, тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата. Нонстоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет и во обвинителството. Сега по завршувањето на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема. Во сите други области има одреден мал напредок или значителен напредок, така што Извештајот генерално можам да го оценам како добар“, вели Мицкоски.

Премиерот не се согласува со оценките дека други земји од регионот се пред Македонија, тврдејќи дека земјава е многу понапред од Албанија во осум области.

„Кога ќе се анализира состојбата и подготвеноста на државите – објективната оценка е дека Црна Гора е прва, второ место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово. Но, треба да работиме и ќе работиме. Јас апсолутно сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, борбата против перењето пари, воведувањето заеднички платежен систем, царина, роаминг фри. Тоа ќе биде имплементирано така што има многу работи кои треба да се пофалат и тоа ме охрабрува“, додаде премиерот.

Европската комисија во својот Извештај нотираше дека земјата треба да ги спроведе основните реформи поврзани со ЕУ, како и усвојување на уставните измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.

Exit mobile version