Премиерот Христијан Мицкоски, предводејќи висока владина делегација, од денеска учествува на 56. годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. На самитот, кој годинава се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, присуствуваат 65 шефови на држави и влади и над 850 директори на водечки светски компании.
Во својата објава на Фејсбук, Мицкоски најави интензивна агенда. „Учесник ќе бидам на три панели на кои ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и многубројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“, истакна премиерот.
Фокусот на македонската делегација ќе биде ставен на енергетиката, технологијата и инфраструктурното поврзување. Премиерот ќе учествува на затворени сесии за лидери и дебати за вештачката интелигенција и новите патишта за економски раст во Европа.
На форумот, чија официјална програма започнува денеска со говори на Урсула фон дер Лајен и Емануел Макрон, утре се очекува да пристигне и американскиот претседател Доналд Трамп како главен говорник.

