Владата внимателно ја следи состојбата со цените на нафтата на светските берзи по најновата ескалација на Блискиот Исток, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој потенцираше дека одлуките на извршната власт ќе зависат исклучиво од овие параметри, додека мерките за поддршка се активни веќе три месеци.
Мицкоски објасни дека вчерашниот напад врз танкер и пристаништето во Фуџеира веднаш предизвикал потрес на пазарот.
„Вчера е погоден еден танкер во теснецот, тоа предизвика раст на цената на горивата на светските берзи. Погодена е рафинеријата и пристаништето во Фуџеира, тоа е практично оној емират што е под теснецот од каде што може да се заобиколи теснецот и да се продолжи со достава на нафта и нафтени деривати. Сето тоа придонесе да скокне цената на на берзите и во еден момент Брент достигна 114-115 долари за барел. Ја следиме внимателно состојбата и врз основа на тие параметри продолжуваме и да се однесуваме“, изјави премиерот во Аеродром.
Тој нагласи дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата во споредба со соседите благодарение на интервенциите во давачките кон државата.
„Имаме намалени акцизи, намалено ДДВ за безоловните бензини, тоа го чини прилично доста Буџетот во овие 60-ина дена. Но, тоа е што е. Резултатот од сето тоа е најевтини горива во регионот. И тоа што ние го правиме е да се обидеме со сите мерки што ни стојат на располагање да го заштитиме стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.
Според премиерот, актуелните мерки се оценети како високо ефективни и од меѓународните институции.
„Глобална е кризата, тешки се времињата, но ако се спореди, овие мерки што ги прави оваа Влада, која што според Меѓународниот монетарен фонд како процент од БДП е трета во Европа и оние од 2022-та, драматично е подобра ситуацијата. Тогаш имавме двоцифрена инфлација, а сега според сите авторитети во оваа област, станува збор за криза којашто по својот обем и опфат е поголема од оние две енергетски кризи во 70-тите години и онаа енергетската во 2022-та заедно“, додаде Мицкоски.


