Во обраќањето на Конференцијата во Скопје посветена на централното банкарство, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека во време на глобални промени и неизвесности, улогата на централните банки станува клучна – не само како чувари на ценовната стабилност, туку и како столб на довербата и економската отпорност.
Мицкоски посочи дека Владата ја поддржува дигиталната трансформација во финансискиот сектор, финтек иновациите и модернизацијата на платежните системи, создавајќи стабилен, инклузивен и усогласен со европските стандарди систем. Во исто време, Владата реагирала навремено за да ги ублажи директните удари врз граѓаните и економијата, преку мерки како намалување на ДДВ-то за бензините и обезбедување мазут од државните резерви за стабилно снабдување со енергија.
Премиерот истакна дека отпорноста значи способност да се издржат шокови и да се излезе посилен од нив, преку диверзификација на економијата, стабилни јавни финансии и доверба во институциите. Тој нагласи дека централните банки треба да делуваат координирано со владите и меѓународните партнери, за да изградат систем кој ќе биде стабилен, иновативен и подготвен за иднината.
„Стабилноста е темел, иновацијата е двигател, а отпорноста е гаранција за иднината. Ако ги споиме овие три столба, ќе изградиме економија која ќе ги претвора предизвиците во можности“, заклучи Мицкоски.

