Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Македонија статистички има „најниска и убедливо најниска цена“ на горивата, но посочи дека цените на бензините и дизелот не зависат директно од владините политики.

Одговарајќи на критиките за високите трошоци за граѓаните, Мицкоски рече дека е точно оти платите се ниски, но дека горивата се берзански производ.

„Тоа не зависи од претприемачка логика. Тоа не зависи од политики на Влада. Тоа е берзански производ и сите од иста берза купуваме“, изјави премиерот.

Според него, клучно е како се менаџира процесот од моментот на набавката до користењето од страна на граѓаните.

Мицкоски упати критики и до опозицијата, оценувајќи дека дел од политичките структури „се обидуваат од публика да креираат јавно мислење“, а кога имаат можност да направат нешто, „не само што ништо не прават, туку и уназадуваат“.

Тој порача дека, како што рече, „сеирот“ за цените ќе им го остави на оние кои „живеат во политичко мочуриште“, додавајќи дека тие „секогаш ќе останат политички маргиналци“.

Exit mobile version