Македонија започнува стратешка трансформација кон позиционирање како земја на знаење, наука и иновативна економија. Оваа порака ја упати премиерот Христијан Мицкоски на денешната конститутивна седница на новоформираниот Совет за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.

Во своето обраќање, премиерот истакна дека Советот нема да биде само административна формалност, туку клучен механизам преку кој науката, истражувањето и дигитализацијата ќе станат основни двигатели на економскиот раст во земјата.

„Денес светот се менува со огромна брзина. Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните“, порача Мицкоски.

На првата седница на Советот (кој обединува клучни министерства, академската заедница и експерти) беше усвоен најважниот документ за следниот период – Четиригодишната програма за поттикнување на иновациите и технолошкиот развој. Оваа програма предвидува комплетна рамка за поддршка: од развој на првичната идеја, преку истражување и пилотирање, сè до нејзина комерцијализација на пазарот.

Мицкоски нагласи дека целта на оваа политика е директно поддржување на стартапи, технолошки компании и иновативни мали и средни претпријатија. Главен имплементатор на програмата ќе биде Агенцијата за иновации (ИНОВА), но во тесна координација со министерствата за образование, дигитална трансформација и економија,како и со универзитетите и приватниот сектор.

„Овој Совет испраќа јасна порака: Македонија избира економија базирана на знаење. Избираме нови работни места, повисока продуктивност и подобар стандард за сите граѓани“, заклучи премиерот, додавајќи дека е време идеите да се претворат во конкретни проекти и реални резултати.

Exit mobile version