Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати остри критики до лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, тврдејќи дека протестите и блоковите на улиците имаат чисто политичка заднина инспирирана од опозицијата. Според премиерот, јавноста наскоро ќе види докази дека лицата што ги блокираат улиците се всушност истакнати партиски активисти.
Мицкоски смета дека опозицијата нашла застапник во Трендафилов за да ги скрие своите политички барања зад синдикалниот параван.
„Тоа е легитимна стратегија ако мислат дека ќе ѝ нанесат штета на Владата, но ние ќе го докажеме спротивното. Минималната плата ќе биде покачена согласно законот, а со 99% од вработените веќе имаме потпишано колективни договори до 2028 година“, изјави Мицкоски од Влае.


