Премиерот Христијан Мицкоски се обрати во Меморијалниот центар во Пелинце по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август – Илинден и Денот на Републиката.

Во своето обраќање, тој истакна дека денешниот датум го симболизира историскиот континуитет и борбата за слобода.

„Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ. Токму затоа денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна“, истакна Мицкоски.

Премиерот посочи на улогата на историските личности Никола Карев и Методија Андонов – Ченто во градењето на државноста.

„Два маркантни ликови ги водеа овие два процеси. Претседателот на Славната Крушевска Република Никола Карев и првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто. И делегатите на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година го побарале својот темел, основата на која ќе ја градат македонската држава и таквата цврста подлога ја пронашле 41 година наназад, во македонскиот Илинден 1903 година, на темелите на борбата на комитите и војводите кои 4 децении пред нив го развеале знамето на Крушевската Република и се бореле за слободна и автономна Македонија чиј патрон е организацијата ВМРО“, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека одлуките на АСНОМ се од суштинско значење за националниот идентитет и правните темели на државата, споменувајќи ја Декларацијата за основните права на граѓаните подготвена од Владимир Полежиновски.

„Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија била изгласана по примерот на Француската револуција од 1789 година и таа ги регулирала слободата на говорот, правото на национална припадност, правото на движење, правото на глас, за прв пат и правото на глас на жените, правото на вероисповед и правото на приватна сопственост. Со овој документ, АСНОМ пред македонскиот народ и останатите националности во Македонија ја претставувал новоформираната држава не само како држава со социјалистичко општествено уредување- со доминантна комунистичка идеологија, туку и како држава со примеси на граѓанско политичко уредување“, рече Мицкоски.

Мицкоски на крајот нагласи дека ослободувањето во Втората светска војна било дело на домашните сили.

„Асномците, македонските борци за слобода во НОБ со одлуките и решенијата на 2 август 1944 година, потврдија и трајно запечатија и уште еден историски факт, кој не може да го побие или негира ниту еден фактор, држава или историографија: Македонското народно ослободително движење во текот на Втората светска војна, македонските партизани, македонската војска, сама, со сопствени сили, без ничија помош од надвор ја ослободи Македонија од окупаторите и со тоа го верификуваше автохтониот, самостоен карактер на македонската државност. Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор, македонскиот народ и сите националности, сами се изборија и ја извојуваа македонската државност и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци низ децениите наназад“, истакна тој.

Exit mobile version