Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот објект на основното училиште „Блаже Конески“ во општина Аеродром. Тој истакна дека ова е дел од серијата проекти започнати во изминатите 19 месеци кои веќе се финализираат.

Мицкоски изрази задоволство од новите капацитети, нагласувајќи дека децата добиваат идеални услови за учење.

„Не може човек да не биде задоволен и би рекол емотивен кога ќе присуствува на еден ваков настан, ново училиште за најмладите, за дечињата. Добро е што голем дел од проектите што ги започнавме изминативе 18/19 месеци ја добиваат својата контура, својата физиономија“, изјави премиерот.

Тој направи кус преглед на реализираните активности во изминатиот период, спомнувајќи ги реновираната Клиника за гинекологија и новите градинки во неколку градови низ државата. Најави и нови активности веднаш по неговото враќање од Давос.

„Годината ја завршивме со реновираната Клиника за гинекологија и акушерство, потоа ја отворивме годината со четири нови градинки, Кочани, Карбинци, Сопиште и Гевгелија, сега и ова училиште ‘Блаже Конески’ овде во Аеродром со услови би рекол идеални за учење, а кога ќе се вратам од службеното отсуство од Давос ќе го пуштиме и реновираното училиште или гимназија во Тетово ‘Кирил Пејчиновиќ’“, рече Мицкоски.

Премиерот потенцираше дека покрај образовните објекти, фокусот останува и на патната и железничката инфраструктура, како дел од ветените приоритети кон граѓаните.

„Тука не треба да се забораваат и спортските сали, понатаму булеварите, експресните патишта, железницата, автопатските делници и многу проекти што се реализираа овие 18/19 месеци. Впрочем тоа сме го ветиле пред граѓаните и тоа ќе го испорачаме во рамките на приоритетите и во рамките на можностите“, додаде тој.

Мицкоски упати честитки до локалната самоуправа и градоначалникот на Аеродром, заблагодарувајќи се на трпението на родителите и учениците. Им посака успех на вработените во пренесувањето на знаењето на новите генерации.

Exit mobile version