Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во градежните работи на Универзалната сала, нагласувајќи дека проектот конечно добива на динамика по долгиот период на застој и „перипетии“ од минатото. Фокусот е ставен на финализирање на објектот пред почетокот на проектот „Европска престолнина на културата“, каде Скопје мора да ги заокружи сите инфраструктурни објекти до 2028 година.

Мицкоски изрази задоволство од текот на работите и очекува истите да завршат во предвидениот рок и во рамки на планираниот буџет.

„Очекувам во рамките на рокот да биде завршен овој објект бидејќи проектот „Европска престолнина на културата“ после сите оние застои во минатото, конечно добива на некаква динамика, а мораме до 2028 комплетно да ги затвориме сите објекти. Така што еден од тие објекти е и овој позади нас“, истакна премиерот.

Тој се заблагодари на сите инволвирани страни, вклучувајќи го градоначалникот, министерството и проектантите, кои работат на враќање на физиономијата на овој симбол на Скопје. Според најавите, Универзалната сала по завршувањето ќе прерасне во објект со современ изглед, каде граѓаните повторно ќе можат да уживаат во културни настани.

Exit mobile version