Денеска беше означен почетокот на градежните активности за реконструкција на Универзалната сала, објект кој долго време беше симбол на застојот во развојот на Скопје. На локацијата присуствуваа Орце Ѓорѓиевски, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков, кои го поздравија деблокирањето на овој проект.
Ѓорѓиевски нагласи дека Универзалната сала не е само зграда, туку споменик на солидарноста и колективната меморија на граѓаните, истакнувајќи ја важноста на нејзиното враќање во функција.
„Ова е момент кој Скопје долго го чекаше. Премногу време овој процес беше закочен, премногу време стоеше во место, а скопјани останаа без еден од најпрепознатливите симболи на градот“, изјави Ѓорѓиевски.
Според техничките детали, проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, со што се гарантира целосна изведба без потреба од дополнителни интервенции. Предвидениот рок за завршување на работите е април 2028 година. Овој проект се смета за клучен чекор во подготовките на Скопје за престижната титула „Европска престолнина на културата 2028“.
По завршувањето на реконструкцијата, објектот ќе биде целосно предаден во владение на Град Скопје, со што повторно ќе стане центар за концерти, театарски претстави и фестивали. Ѓорѓиевски изрази благодарност до премиерот Мицкоски и министерот Љутков за, како што рече, „визијата и одлучноста овој проект конечно да се придвижи“.


