Премиерот Христијан Мицкоски информира дека на крајот од оваа недела ќе се одржат клучните средби со коалициските партнери, на кои главна тема на разговор ќе биде најавената реконструкција на владиниот кабинет.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реконструираната Општа болница во Струмица, премиерот појасни дека разговорите со партнерите од ВРЕДИ и ЗНАМ се веќе испланирани.

Мицкоски воедно стави посебен акцент на односите во владината коалиција, потенцирајќи дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ продолжува да се одвива стабилно и без пречки, исто како и досега.

„Во петок и сабота се закажани средбите со коалициските партнери од ВРЕДИ и ЗНАМ. Инаку, сега не сме пред избори, сега сме во втората половина од мандатот, имаме исклучително коректна и пријателска соработка со ВРЕДИ. Очекувам во таа насока да продолжиме.“

Како потврда за успешната коалициска соработка, тој се осврна и на изборните резултати од минатиот период, кои според него даваат легитимитет за продолжување на заедничките политики.

„По реализирањето на нашата соработка, по изборите во 2024 година, следеа локалните избори каде тие убедливо победија во 10 општини, така што не гледам пречка во овој момент нашата соработка да не продолжи“ – истакна Мицкоски.

Состаноците во петок и сабота се очекува да ги дефинираат контурите на новиот владин состав и евентуалните кадровски поместувања во ресорите.

Exit mobile version