Премиерот Христијан Мицкоски најави дека утре ќе биде отворен реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, кој ќе биде модерен објект со современи услови за сместување на студентите. Наскоро, рече тој, се очекува отворање и на домот „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Двата се реновираа околу две години во рамки на планот за етапна реконструкција на сите студентски домови во државата.
Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за трета фаза од ревитализација на хидроелектраните, премиерот истакна:
– Многу скоро ќе биде и вториот студентски дом „Кузман“, но исто така и сите студентски и ученички домови ќе бидат и веќе е почнат тој процес на нивна реконструкција и обновување. Нешто што со децении не било направено. Има многу работи коишто треба да се направат. Приоритет по приоритет, еден по еден, тие приоритети ги решаваме.
Мицкоски посочи дека во образовната инфраструктура Владата во изминатите 26-27 месеци има инвестирано повеќе од 90 милиони евра, од кои половина се директно од Министерството за образование и наука во делот на студентските домови, додека околу 45 милиони евра се наменети преку децентрализирани средства за основни и средни училишта. Во врска со овие вложувања, тој додаде:
– Инвестициите се огромни и тоа претставува приоритет на оваа Влада.

