Мицкоски најави кадровски промени во историската комисија со Бугарија: Aктуелната не ги штитеше националните интереси
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите најави дека во периодот што следи ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Според Мицкоски, актулниот состав на зедничката историска комисија од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси. Негира дека промените имаат политичка позадина.
„Лично ако мене ме прашувате, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно“, изјави Мицкоски, која беше на манифестацијата по повод роденденот на Мајка Тереза.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С Македонија и Бугарија беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство потпишан на 1 август 2017 година.
Во состав на комисијата се историчари и професори од двете земји. Македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа