Мислам дека Меџити донесе погрешна одлука кога го поддржа протестот на ДУИ, вели премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
„Па добро сега, тоа е најава на Меџити, не го треба да го прашате, Владата не го поддржува и немаме намера да го поддржиме, но секако ќе се погрижиме да сето тоа помине во најдобар ред, да нема инциденти, да не се случи нешто коешто сите ние граѓаните не сакаме да се случи. Инаку претпоставувам дека таа одлука на Меџити е под притисок на организаторите, мислејќи дека ако не го поддржи ќе изгуби политички поени, што мислам дека му е погрешна одлука.“ – рече Мицкоски.
Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој е дел од раководството на коалицијата ВЛЕН, изјави дека генерално го поддржува протестот што в сабота во Скопје го најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во знак на поддршка на поранешните команданти на ОВК кои се соочуваат со судски процес во Хаг.
„Во принцип, да (го поддржувам). Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“, изјави Меџити.

