Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука со која се овозможува еден стан во сопственост на градот да се претвори во безбеден, заштитен и привремен дом (шелтер-центар) за жртвите на семејно и родово базирано насилство.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека ова е силна порака: „Ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Град Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“.

Што нуди новиот центар?

Градските власти информираат дека просторот ќе обезбеди:

  • Итно сместување
  • Стручна поддршка и советување
  • Целосна грижа додека не се стабилизира ситуацијата и не се најде трајно решение.

Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на приоритетните политики за превенција и заштита: „Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“.

Градот веќе ги подготвува условите за објава на јавен повик за организација со докажано искуство која ќе ги преземе специјализираните услуги и поддршката.

Exit mobile version