Мицкоски: Ми беше понуден поткуп за да го потпишам тендерот за пругата кон Бугарија

 

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија. Станува збор за тендер вреден 560 милиони евра, кој е објавен од минатата Влада за изградба на железницата од Крива Паланка до границата со Бугарија.

„Нудењето поткуп не оди јавно на емисија или преку документ на кој треба да се потпишеме заедно двете страни дека јас ти нудам поткуп, па ти го прифаќаш. Знаеме како оди тоа преку канали и еве сега кажувам дека за пругата кон Бугарија имаше обид за да ми биде понуден поткуп за да ја прифатам оваа тендерска документација која истекува 17 септември. Јас кажав дека овој тендер нема да го прифатам и така ќе биде“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за реформската агенда 2024-2027 за членство во Европската унија.

Владата парите од овој проект обезбедени од ЕУ, ќе бара да се пренаменат за други проекти како што е изградбата на Коридорот 10.

„Тоа се пари на европските даночни обврзници, наидоа на разбирање и понатаму дијалогот со бугарската страна ќе се одвива во Брисел“, додаде Мицкоски.

27.08.2024 - 14:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега