Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата прави се што е во рамки на нејзината надлежност за да се открие и казни корупцијата, но, посочува оти таа не е таа што треба да суди и пресудува, туку да спроведе истрага и случајот да го поткрепи со докази, а потоа се е во рамките на судската власт. Смета дека ако менталитетот на луѓето кои треба да обезбедат владеење на правото остане заробен во личните интереси, тогаш тешко ќе оди овој процес.
-Ние не можеме да судиме и никогаш не сме ветиле дека ние ќе судиме. Ние само сме ветувале и ветуваме и до ден-денес тоа го работиме, а сега ќе ви дадам и неколку примери, во коишто ние можеме да покренеме истрага, таа истрага да ја поткрепиме со докази. Од тој момент па натаму се е во рацете на судот, а не на Владата, рече Мицкоски во Отвореното студио на МРТ на прашање од присутвите новинари за тоа кога јавноста ќе дочека конкретна одговорност за високи функционери кои извршиле кривични дела.
Владата, потенцира тој, едноставно може само да почне процес. Процесот потоа, како што нагласи Мицкоски, се води пред суд, којшто по дефиниција е независен.
-На крајот од процесот одлука носи суд, прв или втор степен, пред да стане правосилна пресудата. Тоа не го прави владата. Нашите надлежности се до моментот додека се донесе одлука на судија во претходна постапка. Ние не можеме тука да влијаеме, од тој момент натаму се е во раце на судот, рече Мицкоски.
Додаде дека во јавноста има перцепција дека политичарите влијаат на процесите, но како што рече тој ниту помислува на такво нешто.
-Не сакам да го правам тоа. Едноставно на памет не ми паѓа такво нешто бидејќи, јас сум свесен и јас сум го имал тоа чувство во минатото дека тоа се случувало. Јас не би сакал да бидам во таква улога на политичар затоа што сепак, прво, моето воспитание, а второ, мојот карактер не дозволува такво однесување. Тоа е прво. Второ ние како влада успеавме да спроведеме постапка во којашто во криминално дело беа фатени врховен судија, јавен обвинител, поранешен претседател на Советот на јавни обвинители. Потоа друг јавен обвинител беше исто така, како оној случајот што беше со, заѕиданите финансиски средства. Ќе ве потсетам дека, неколку министри, вицепремиер, директори… од поранешната влада добија кривични пријави. Понатаму процесите си ги водат судовите, рече Мицкоски.


