Премиерот Христијан Мицкоски упати остри пораки за текот на македонските евроинтеграции, оценувајќи дека државата е жртва на класичен булинг од страна на земји членки на ЕУ. Според него, напредокот на земјава не се вреднува според реформите, туку исклучиво преку наметнување политички услови.
„Не се цени напредокот, туку тоа дали ќе го промениме Уставот, банкнотите, знамето. Колку повеќе го игнорираме тоа, толку потежок ќе биде патот“, изјави Мицкоски, посочувајќи прст кон претходната власт. Тој ги обвини поранешните политички гарнитури дека поради неспособноста да се справат со домашниот криминал и корупција, прифаќале сѐ што ќе им се понудело на парче „бела хартија“ само за да останат на власт.
Премиерот се осврна и на опозицијата, нарекувајќи го СДСМ „гранапче кое се занимава со лажни вести“ и партија која е на прагот на исчезнување.
На меѓународен план, Мицкоски предупреди на нова иницијатива која, според него, се разгледува во Брисел – создавање на земји членки од „прва и втора лига“. Тој оцени дека овој концепт бара сериозно размислување и мудри одлуки од наша страна, потенцирајќи дека народот мора да биде трпелив во овие историски моменти бидејќи нема ништо полошо за една нација од корумпирани лидери.

