Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави нов инвестициски циклус во железничкиот сообраќај вреден 21 милион евра. Средствата, обезбедени преку ЕБОР, се наменети за набавка на пет нови електрични локомотиви и резервни делови, со што се става крај на долгогодишната стагнација на МЖ Транспорт.
Во своето обраќање, премиерот ја опиша затекнатата состојба во претпријатието како „катастрофална“, посочувајќи дека до неодамна железницата немала ниту една целосно функционална локомотива, што предизвикувало застој на стотици меѓународни композиции.
„Просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Тоа не е одржливо, ниту економски, ниту безбедносно, ниту еколошки. Целта на оваа набавка е јасна – да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки и да се зголемат приходите на МЖ Транспорт“, истакна Мицкоски.
Паралелно со обновата на возниот парк, премиерот најави и изградба на брза пруга на Коридорот 10, како и почеток на работите за т.н. „градски воз“ во Скопје, инвестиција вредна 360 милиони денари која треба да придонесе за намалување на аерозагадувањето.

