Мицкоски: Идната недела ќе поднесеме интерпелација за Џафери, но немаме илузија дека ќе помине

 

 Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ идната работна недела ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери, но лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски не очекува дека таа ќе помине во Парламентот.

-Се надевам дека нема  повторно да ги изигруваат процедурите во Парламентот и ќе ја стават точката на дневен ред и ќе можеме да зборуваме малку поотворено за тоа што се случуваше тој ден кога беа брутално навредени вработените во Парламентот. Немаме илузија дека таа ќе помине бидејќи таму има 61 послушник на власта кои заради свои лични привилегии ќе го бранат  Џафери, но добро е да се види како се препелка СДСМ и помалите коалициски партнери кои се уште не гукнаа за законот за една изборна единица, а еве веќе е мај, рече Мицкоски на прес-конференција.

За протестот најавен за 18 јуни очекува политичка и општествена поддршка од сите оние кои, како што рече, мислат дека оваа влада на СДСМ и ДУИ ја води државата во погрешна насока.

-Повикани се сите, ја користам оваа прилика сите граѓани, политички партии и општествени субјекти коишто чувствуваат дека државата оди во погрешна насока да излезат и да ни се придружат, рече Мицкоски.

На новинарско прашање зошто своите ставови за решение за  енергетската криза не ѝ ги предложи на Владата, одговори дека постојано повикува на средба и дека не условува таа да биде за предвремени избори, туку и за други важни теми.

-Што можам да  направам, 17 пати го повикувам да разговараме. Не условувам, но една од темите е и предвремени избори. Веројатно, имам право да барам што да биде дневен ред, не сум човек што оди на состанок и да зборуваме за апстрактни работи. Велам: Дајте да зборуваме за актуелната политичка состојба, за преговорите со Бугарија, за економијата, енергетската криза, здравство, образование, за предвремени избори. Не сака. Со сила  не можам, изјави Мицкоски.

Дециден е дека треба да има предвремени избори затоа што и според нивната теренска партиска анкета за мај, повеќе од 67 проценти испитаници кажале дека државата оди во погрешна насока, а над 75 отсто дека Владата треба да поднесе оставка.

Во врска со притворот на обвинетите за случајот „Парцели за ЕВН“ во Делчево кои се функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека прво бара извинување од СДСМ, а потоа ќе тужи за навреда и дека неговиот адвокатски тим ќе подготви тужба за клевета.

-Тие почнаа да тркалаат дека така се финансирало ВМРО, дека јас сум бил вплеткан итн., но видовме дека тие лица се таму каде што се поради сосема други членови од Кривичниот законик. Верувам во пресумпција на невиност, но исто така секому каде што ќе се докаже вина, родена сестра да ми е, за сторен криминал ќе одговара. Тоа важи за сите оние кои не само што се членови на ВМРО, на СДСМ, ДУИ, Алијанса, било кој, политички определени или политички неопределени… Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите оние останати коишто на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН. Очекувам и Финансиската полиција и Обвинителство да постапат и со останатите 100-200 парцели и останатите продавачи да имаат ист третман. Инаку, во спротивно, третманот ќе се однесува само на поединци, а не генерално, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски соопшти дека од понеделник до среда ќе учествува на Конгрес на Европската народна партија во Ротердам.

28.05.2022 - 13:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега