Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“, како и дел од скопските градоначалници, денеска ќе патуваат со воз од железничката станица Зелениково до Новата железничка станица Скопје.

Со ова патување официјално ќе биде промовиран проектот „Градски воз“, кој стартуваше со пуштањето во функција на железничката линија Зелениково – Скопје.

Симболичното патување ќе се реализира на првата од трите предвидени линии, која ги опфаќа станиците Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево, Лисиче и Новата железничка станица Скопје.

За потребите на проектот „Градски воз“, „Железници Инфраструктура“ изврши целосна реконструкција на пругата со цел подобрување на условите и зголемување на капацитетот и брзината на железничкиот сообраќај.

Сообраќајот на релацијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје ќе се одвива со три возови, според утврден ред на возење на МЖ „Транспорт“.

Од Владата велат дека целта на проектот е да се обезбеди побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз за жителите на Скопје и околните населени места, преку подобро поврзување на периферните делови со централното градско подрачје.

Проектот, како што информираат од Министерството за транспорт, треба да овозможи пократко и поевтино патување, помалку чекање и поефикасен јавен транспорт.

„Особено значајно е што проектот „Градски воз“ се интегрира и со сообраќајниот ред на ЈСП, со што се добива поквалитетен и интегриран јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците“, велат од Министерството.

Во тек е и проектирањето на втората и третата линија на „Градски воз“. Втората линија ќе се протега од Новата железничка станица, преку Бутел и Скопје-Север, до Ѓорче Петров, додека третата ќе ја поврзува Новата железничка станица со Автокоманда, Маџари и Илинден.

Exit mobile version