Мицкоски: Ги почитуваме стратешките интереси на нашите партнери, но македонските интереси ни се многу поважни

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на одбележувањето на 30-от роденден на Унијата на млади сили ја коментираше одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, посочувајќи дека не е пренесен делот дека таа се однесува и на корупција, притоа посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на САД, но оти македонските интереси се многу поважни. Мицкоски пред членовите на УМС и највисокото раководство на партијата повика на победа на претстојните локални избори.

– А оној делот во одлуката на претседателот Бајден каде јасно кажува дека се однесува и на корупција која се знае дека е широко распространета, стимулирана и заштитена од власта, не кажуваат ниту збор. Нема толку хартија, колку што има криминалци во власта за таква црна листа. Не ќе е ниту до тоа и дека не ги знаат нашите прозападни ориентации, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, причината за, како што рече, таквиот натпревар е до рејтингот.

– Заев драматично губи, а разликата се зголемува. Нема човек кој мисли добро за оваа влада и кој не е разочаран. И токму затоа адутот на Заев се парите за поткуп, заштитата на криминалот и лагите за опозицијата, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на сратешките партнери. Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, посочи тој, но воедно, потенцираше Мицкоски,  тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија.

– И таа борба за мене е завет. ВМРО е народна партија и секогаш била и ќе остане народна партија. Главното прашање е колку со договорите се подобри квалитетот на живот, и дали народот е задоволен неколку години потоа, каде се ветувањата на Заев дека ќе дојде ЕУ, дека ќе дојдат високите плати, бесплатното здравство, отворање на границите и бесконечни можности? Јас сум реалист и треба реално да се говорат работите, рече Мицкоски.

Кога станува збор за бранењето на стратешки интереси, праша тој, Кој може подобро да ги брани или застапува.

– Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно  ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните парааналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев, рече Мицкоски обвинувајќи ја власта дека преку ограничување на слободата и диктирањето на тези создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести власта ги прави за да ја деградира нивната борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал.

– Тие сакаат да мислите дека сите сме извалкани со истата кал. Постојано да сте разочарани од политичарите со девизата што да правиме „сите се исти“. А, не сме исти. Дури ни тие во СДСМ не се исти, туку се заглавени и киднапирани од триесетина души, рече Мицкоски.

После победата, како што рече, „ветувам одговорност на сторителите заедно со овие полициски душкала и кодоши помеѓу нас“, како и дека „ќе ги исправиме стратешки национални грешки на оваа Влада предводена од Зоран Заев“.

– ВМРО-ДПМНЕ има избистрена слика за националните и стратешки интереси на Македонија како никој друг во државава. Ние сме Македонци со македонски јазик, идентитет и историја, засебност, со заслужено членство во НАТО и заслужуваме брзо членство во ЕУ И тука ја затворам оваа дебата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Во наредниот период опозициската партија, како што најави, ќе продолжи да биде приоритетно посветено на се друго што е огромен дел од реалниот живот, а тоа се проблемите со стандардот, економијата и тешката живеачка, грабежот и неправдите кои се прават на секој чекор.

– Земјава е се подалеку од Европската Унија, а тоа е така не само затоа што не блокира Бугарија, туку затоа што немаме завршено ниту една домашна задача, изјави Мицкоски.

Власта, според него, може да се победи само со обединет опозициски блок, којшто најдобро ќе ги штити државните интереси и ќе се бори за економски прогрес. 

 

– Имаме разлики во опозицијата, ама целта ни е иста. Пораз на Заев и вадење од катастрофа на Македонија. Во изминатиот период имав контакти со повеќе лидери и партии и чувствувам силно опозициско расположение и еве тука, од Битола, во името на ВМРО-ДПМНЕ подавам рака кон секоја опозициска партија и сила, да ни се приклучат. Ако целта ви е промена на власта, пораз на мафијата на Заев, СДСМ тогаш сте добредојдени со нас, рече Мицкоски. 

За тоа што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ и како партијата ќе се проектира наредниот период, и каква сила ќе биде  најави дека ќе биде објавено на 16-ти јуни.

– 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет, во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. На посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки, а запаметете 16-ти јуни е она што сите го очекуваат, рече Мицкоски.

 

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов рече дека тие ќе продолжат да работат и да се борат, од ден во ден и оти ќе влеваат надеж кај секого дека Македонија не е оставена сама на себе.

12.06.2021 - 21:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа