Мицкоски: Единствени црвени линии кои беа поминати се распродажбата на македонскиот идентитет и грубата трговија со нашите историски наследства
Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Дојче веле“.
Токму за време на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски на Будимпешта, каде остварија средба со Виктор Орбан - премиер на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, во интервју за Еуроактив упати критики до македонската опозиција - дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицскоски истакна дека единствените црвени линии кои биле поминати се распродажбата на македонскиот идентитет и трговијата со нашите наследства.
-Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеји кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати - тргува со идентитетските обележја. Но исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот каде седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа