Мицкоски: Долгот достигна 7,4 милијарди евра, само за шест месеци е зголемен за 904 милиони евра

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред работната средба со партијата Демократски сили на Ромите, даде изјава за медиуми при што беше и запрашан кој е неговиот коментар за јавниот долг на државата.

 

„Јавниот долг достигна 7,4 милијарди евра, точно, но тоа не е најголемиот проблем. Уште поголем проблем е што за само шест месеци тој долг порасна за 904 милиони евра. Значи само за шест месеци порасна долгот за 904 милиони евра. А, тоа се народни пари, позајмени од Владата кои што треба граѓаните да ги плаќаат поради неспособните и неекономските политики на оваа Влада и обидот за сериозен поткуп и влијание на гласачите за следните локални избори“, истакна  Мицкоски,

Мицкоски додаде дека неверојатно е како власта за само шест месеци државата ја задолжи за 904 милиони евра, а проекти нема никаде. Подобар живот граѓани не добија.

„Ќе ве потсетам, откако е оваа влада на политичката сцена во Владата, повеќе од две ипол милијарди евра е зголемен долгот. Две и половина милијарди евра, знаете што значи тоа? Тоа значи дека секој еден граѓанин во Македонија должи повеќе од 1.250 евра, откако оваа Влада е на чело на државата“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на сметка на тоа БДП воопшто не е ни поместен од тоа што беше нивото во 2017-тата година. Оваа Влада позајмува, троши, а ефекти во економијата нема.

„И за тоа нема денес претприемач, нема стопанственик кој што не се жали од неекономските политики на оваа Влада. Јас сум шокиран и од друг показател бидејќи го следам оној бројач во министерството за финансии и можам да заклучам дека во јули месец дефицитот е зголемен за нови 5 милијарди од прилика денари, а нивото на капиталните инвестиции заклучно со јули месец нема да надмине девет милијарди денари, иако ветуваа дека реализацијата на капиталните инвестиции согласно ребалансот ќе биде 30 милијарди. Имајќи предвид дека доаѓаат месеци кога реализацијата ќе биде слаба, не очекувам дека таа бројка ќе надмине 15 милијарди денари“, рече Мицкоски.

Мицкоски укажа дека власта повторно излажа, а на сметка на таа лага ги задолжија македонските граѓани. 

 

01.08.2021 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа