Лицата кои биле ангажирани за работа во странство нема да мора да плаќаат данок во Македонија, доколку приложат доказ дека компанијата-работодавач веќе ги подмирила даночните обврски во земјата каде што се одвивал ангажманот. Ова денеска го појасни премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на реакциите во јавноста по масовните известувања што Управата за јавни приходи (УЈП) им ги испрати на овие граѓани.

Премиерот нагласи дека не станува збор за никакво ретроактивно оданочување, туку за законско решение донесено од претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Тој застана во одбрана на постапката на УЈП, објаснувајќи дека институцијата морала да реагира поради законските рокови.

„УЈП мораше да се обрати до лицата пред да застарат тие решенија на крајот на минатата година. Ако тоа не го направеше, тогаш некоја идна Влада, или можеби и оваа, ќе бараше кривична одговорност од директорката за оштетување на Буџетот. УЈП само поднесе известување до лицата дека треба во одреден рок да си ја подмират таа обврска“, истакна Мицкоски.

За надминување на проблемот, премиерот информираше дека веќе одржал средба во својот кабинет со лица кои работеле во различни делови од светот. „Донесовме заклучок тие да докажат дека фирмите коишто ги ангажирале платиле данок во земјата или земјите каде што биле ангажирани. На тој начин УЈП нема да го наплати тој данок“, заклучи тој.

Exit mobile version