Премиерот Христијан Мицкоски очекува Бугарија да постапи по потерницата за таткото на Ива Михаилова и да го испорача во Македонија, каде треба да се соочи со законот и правдата.
Коментарот доаѓа по вчерашното негово појавување во бугарските медиуми, иако во Македонија се бара со потерница поради пресуда со која треба да издржува 12-годишна затворска казна за дело поврзано со обид за убиство.
„Ние имаме потерница и очекуваме нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, бидејќи ние сме партнери со нашиот источен сосед во една друга алијанса којашто се вика НАТО“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека очекува лицата кои се бараат со потерница и кои се сомничат или се осудени за прекршок или кривично дело да бидат испорачани за да се соочат со правдата.
„Само на тој начин секој може да ја докаже својата вина или невиност“, рече премиерот.
Случајот доби дополнително внимание откако таткото на Ива Михаилова јавно зборуваше во бугарските медиуми за судската постапка што против неговата ќерка се води во Кочани.

