Мицкоски: Време е за промени
Оваа седница е втора по ред од донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавна администрација, а прва во овој состав“, нагласи денеска претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски во неговото обраќање на втората седница на Советот за реформа на јавната администрација.
-Пред да започнам со дневниот ред сакам да истакнам неколку работи. Јавната администрација не е само механизам за спроведување на законите и политиките, таа е лицето на државата, одраз на нејзината ефикасност и посветеност кон граѓаните. Колку е подобро организирана, толку побрзо и поквалитетно ќе ги испорачува услугите. За жал, во изминатите години сведочевме на слабости, партизираност, неефикасност, недоволна компетентност на одредени кадри. Сега е време за промени, рече премиерот Мицкоски.
Претседателот на Владата Мицкоски исто така подвлече дека нема веќе седење дома и земање плати, и дека Владата ќе се фокусира на одредени елементи во јавната администрација да ја направи поефикасна.
„Можам да соопштам дека нема повеќе луѓе кои седат дома и земаат плата.
Се бориме за систем на заслуги наместо партиски влијанија.
Професионалната администрација подразбира дека вработувањата и унапредувањата се засноваат на знаење, вештини и резултати, а не на политички или лични врски. Воведување транспарентни критериуми за селекција, тестирање и континуирана евалуација ќе гарантира дека само најдобрите ќе бидат дел од институциите.
Континуирана обука и развој, светот се менува брзо, а со него и предизвиците во јавниот сектор. Затоа, нашите службеници мора постојано да се усовршуваат. Ќе обезбедиме програми за обука, размена на искуства со напредни администрации и воведување на најдобрите меѓународни практики.
Професионалец не е само оној којшто знае, туку и оној што работи одговорно и транспарентно. Ќе ја зајакнеме етичката свест и механизмите за отчетност на администрацијата кон граѓаните.
Дигитализација за поголема ефикасност е многу значајна. Современата јавна администрација мора да биде технолошки напредна. Ќе инвестираме во дигитални алатки кои ќе го намалат времето на обработка на барањата, ќе ги елиминираат непотребните чекори и ќе ја зголемат ефикасноста.
Квалитетната администрација бара мотивирани и задоволни службеници. Тоа значи подобри работни услови, фер плати и можности за напредување врз основа на реални заслуги“, рече тој.
На крајот премиерот Мицкоски нагласи дека јавната администрација е сервис за граѓаните и дека реформата мора да се спроведе ако сакаме европска држава.
„Ова не е промена што се случува преку ноќ, но е реформа што мора да ја спроведеме доколку сакаме модерна, европска држава. Јавната администрација мора да биде сервис за граѓаните, а не институција што ја кочи државата. Време е да создадеме систем во кој професионалците ќе ја движат администрацијата напред“, заклучи Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа