Министерството за финансии успешно ја реализираше аукцијата за издавање на 10-тата еврообврзница, со што државата обезбеди вкупно една милијарда евра преку две транши. Станува збор за обврзници со рок на достасување од 4 и 8 години, во износ од по 500 милиони евра.
Од Министерството истакнуваат дека успешното пласирање на осумгодишна еврообврзница претставува силен сигнал за довербата на инвеститорите во економските политики и реформските планови на Владата.
„Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од дваесет години“, соопштуваат од МФ.
Интересот кај инвеститорите бил исклучително висок уште во првиот час од објавувањето на почетните каматни стапки, кога побарувачката достигнала околу две милијарди евра. Пред отворањето на американскиот пазар, побарувачката пораснала на три милијарди евра, а по неговото отворање надминала четири милијарди евра. Во процесот учествувале инвеститори од Германија, САД, Велика Британија и други земји.

