Директорот на ТОАРИЛУЦ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопјe, Игор Мерџаноски, соопшти нови информации за здравствената состојба на ученикот кој беше избоден од негов врсник во основното училиште во скопската населба Ченто.

Мерџаноски вели дека неговата состојба е стабилна, но опасна по живот.

-Пациентот има 14 години и е примен вчера околу 14:40 часот со убодна рана во пределот на стомакот и посекотина на главата. По приемот, извршена е компјутерска томографија и лабораториски тестови и итно е префрлен на интензивна нега, каде што е утврдена индикација за итна операција. Пациентот е опериран вчера. Неговата состојба денес е стабилна, но сепак е во животна опасност. Има оштетување на црниот дроб и долната шуплива вена, која е вена во пределот на стомакот, изјави Мерџаноски.

Осуда за настанот даде и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

-Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од девето одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување. Лицето кое го извршило нападот е обезбедено од страна на Министерството за Внатрешни работи. Како градоначалник на општина Гази Баба изразувам најостра осуда на ваквиот чин. Насилството не може да се оправда со ништо. Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот, објави Стефковски.

Exit mobile version