Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во 2023 година, антисемитизмот станал погласен, поотворен, побезобразен и понасилен во Германија, јавува ДПА.

-Критицизмот кон израелската Влада мора да е можен, а и јас самиот неодамна изразив таква критика, рече Мерц на 75-годишнината од формирањето на Централниот совет на Евреите во Берлин, „но, додаде тој, нашата земја си ја повредува сопствената душа кога оваа критика станува изговор за омраза кон Евреите – или кога дури води до барања Сојузната Република да се одврати од Израел“.

„Посветеноста на Германија кон постоењето и безбедноста на Државата Израел е непреговарачки дел од нормативните темели на нашата земја“, додаде германскиот канцелар, пренесен од ДПА.

Мерц го изрази својот континуиран шок и срам поради антисемитизмот во Германија, за кој рече дека станал погласен, поотворен, побезобразен и понасилен по терористичкиот напад предводен од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

„Израелските ресторани, местата на еврејски живот и местата на еврејско сеќавање се обезличени и загрозени“.

Германија минатиот месец го суспендираше извозот на оружје за кое верува дека може да се користи во Појасот Газа, што е првпат Берлин да ја повлече воената помош за Израел.

Оваа одлука е донесена поради зголемениот јавен притисок и хуманитарната криза во Газа, потсетува германската агенција.

Германија е најголемиот снабдувач со оружје на Израел, по САД, и долго време е еден од најголемите поддржувачи на Израел, првенствено поради нејзината историска одговорност за Холокаустот за време на Втората светска војна.

Leave A Reply

Exit mobile version