За период од септември 2024 до март 2026 година, вкупното покачување на пензиите изнесува 7.000 денари месечно, што претставува линеарно зголемување од 36 проценти, изјави директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.

Минималната пензија за овој период е зголемена за 61,75 проценти, а просечната пензија за околу 40 проценти.

-Ова е најголемото покачување на пензиите во последните 20 години, резултат на политики насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите. Со ваквите мерки се покажува грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од приоритетите во социјалната политика, истакна Мемов.

Тој посочи дека во вкупната сума за исплата на пензиите, зголемувањето изнесува речиси 500 милиони евра повеќе во споредба со 2024 година.

-На пример, во септември 2024 година за исплатата на августовската пензија се исплатени 7.210.341.000 денари, додека за мартовската пензија 2026 година вкупната сума е 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари повеќе месечно, појаснува Мемов.

Exit mobile version