Меџити: По долгогодишно чекање Цветово добива безбеден мост

 


Првиот 
вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска во придружба на градоначалникот на општина Студеничани, Азем Садику, учествуваше на церемонијата на поставување камен-темелник на новиот мост во село Цветово, општина Студеничани.

Меџити рече дека денеска почнува реализацијата на проект кој го побараа жителите на Цветово, а сега со инвестицијата на Министерството за животна средина ќе стане реалност.

„Денеска сме тука, во село Цветово, општина Студеничани, по повод поставувањето камен-темелник на новиот мост на влезот од селото, кој ќе опслужува околу 1000 жители од ова село, по долгогодишно барање на жителите, со оглед на тоа што постоечкиот мост е оштетен и е импровизиран мост, небезбеден за жителите’’, изјави Меџити.

Општина Студеничани, додаде Меџити, аплицираше на Конкурсот за доделување средства за финансирање на проекти за животна средина и согласно одлуката за избор на програми, Министерството за животна средина и просторно планирање ја поддржа реализацијата на овој проект, кој ќе се реализира во неколку фази.

Градоначалникот на општина Студеничани Азем Садику му се заблагодари на вицепремиерот Меџити за поддршката во овој проект и другите проекти каде општината аплицирала и добила позитивен одговор.

„Денеска е ден на радост за мене и за жителите на општина Студеничани. Ова беше многу стар проблем, а сега се отстранува пречката за слободно движење, бидејќи имало многу случаи кога поради поројните дождови, зголемувањето на нивото на реката било големо и претставувало пречка“, рече Садику.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржа проектите на општините кои аплицираа за подобрување на животниот стандард на граѓаните, додека во првиот квартал од следната година се очекува да започне нивната реализација, избрани по принципот според  бројот на жители на општините.

19.12.2024 - 15:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега