Втората вечер на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ ги донесе во Скопје ритамот и духот на шпанското фламенко, преку впечатливиот настап на Алба Биоке и квартетот „Корени и ветер“ од Барселона. На вечерта присуствуваа градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, Неговата Екселенција Рафаел Соријано Ортиз, амбасадор на Кралството Шпанија во Северна Македонија, како и бројни гости и љубители на уметноста.
Шпанската традиција природно се спои со атмосферата на Скопје, внесувајќи нова уметничка димензија во првото издание на фестивалот и потврдувајќи го неговиот меѓународен карактер.
„Фестивалот ‘Чаршија’ го претвора Скопје во место каде што културата ги надминува границите и каде што уметници од различни земји ги претставуваат својата историја, идентитет и уметност пред нашата публика. Првото издание само што започна, но енергијата на овие вечери покажува дека ‘Чаршија’ има сè што е потребно за да прерасне во настан што со нетрпение ќе го очекуваме секое лето“, истакна Меџити.
Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, во организација на Општина Чаир, продолжува и во следните вечери со домашни и меѓународни уметници, со цел да изгради нова годишна традиција и да го афирмира Скопје како место на средба на музиката, уметноста и различните култури.


