Пратеникот на Левица, Борис Мециновиќ, оцени дека потребата од изборни реформи останува и по неуспехот на процесот за промени во Изборниот законик.
„Не заврши потребата да имаме избори кои ќе бидат според препораките на ОБСЕ/ОДИХР и меѓународните стандарди. Таа дискусија не може да се смета за затворена“, изјави Мециновиќ.
Според него, пропаѓањето на процесот е пораз за демократијата и покажува дека партиските интереси повторно биле над јавниот интерес.
„Ова е голем пораз за нас како општество и за напорите за демократизација на политичките процеси. Ни требаат суштински промени во Изборниот законик за да добиеме порепрезентативен изборен модел кој правилно ќе ја претставува волјата на граѓаните“, нагласи тој.
Мециновиќ посочи дека Левица во текот на работата на работната група настапувала конструктивно и, како што рече, нудела решенија секогаш кога процесот бил во застој.
„Левица беше најконструктивна во целиот процес, затоа што сакаме нов Изборен закон. Секогаш кога имаше некаква сопка, нудевме излезно решение“, рече пратеникот.
Како клучно прашање во идните разговори за изборните реформи, тој ја посочи идејата за една изборна единица.
„Жал ми е што премиерот одбра црвена линија да му биде дијаспората. Мислам дека требаше да застане зад една изборна единица. Тоа беше ветувањето со кое ја добија довербата од граѓаните“, изјави Мециновиќ.
Тој оцени дека е нелогично да се отвора прашањето за олеснување на гласањето на дијаспората, додека, според него, домашниот изборен модел сè уште не обезбедува еднаква тежина на гласот на секој граѓанин.
„Иронично е да зборуваме за уважување на гласовите на дијаспората, додека имаме нерепрезентативен изборен модел. Треба најпрво да ја олесниме реализацијата на волјата на граѓаните во Република Македонија“, порача тој.
Мециновиќ предупреди дека без продолжување на реформите, државата може повторно да се соочи со изборни процеси под нееднакви услови.
„Најстрашното нешто што можеме да го направиме е да одиме на уште едни избори каде што нема да имаме фер избори. Од циклус во циклус ќе поставиме норма и ќе ја деградираме демократската атмосфера“, рече тој.
Пратеникот упати повик до парламентарните партии повторно да го отворат прашањето за нов Изборен законик.
„Го повикувам премиерот Христијан Мицкоски да излезе од теснопартиските интереси, да покаже државнички капацитет и да се уважат сите гласови подеднакво“, порача Мециновиќ.
Од Левица велат дека пропуштањето на рокот не треба да биде причина за откажување од изборните реформи, туку процесот мора да продолжи до донесување нов Изборен законик усогласен со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.


