Македонско друштво „Илинден“–Тирана упати официјално барање до градоначалникот на Општина Пустец, претседателот и членовите  на Општинскиот совет, со кое бара официјалната веб-страна на Општината, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик. 
  
-Иницијативата се темели на Законот бр. 96/2017 „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, кој ги гарантира правата на националните малцинства, вклучително и правото на употреба на нивниот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во средините каде што тие традиционално живеат, стои во објавата на друштвото. 
  
Се оценува дека овозможувањето на официјалната веб-страница на Општина Пустец и на македонски јазик, ќе претставува важен чекор кон практична примена на правата на македонското национално малцинство, ќе го подобри пристапот на граѓаните до јавните информации и ќе ја унапреди комуникацијата со локалните институции. 
  
Според друштвото, оваа иницијатива ќе придонесе за поголема институционална транспарентност, почитување на јазичната и културната разновидност и доследно спроведување на националните и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства. 
  
Барањето е доставено и до Комесарот за заштита од дискриминација, како и до Народниот правобранител на Република Албанија. 
  
Македонското друштво „Илинден“–Тирана изразува уверување дека надлежните институции ќе го разгледаат барањето со должно внимание и ќе преземат конкретни чекори за официјалната веб-страна на Општина Пустец да биде достапна и на македонски јазик, во согласност со законските обврски и принципите на еднаквост и недискриминација

Exit mobile version