Мајкрософт повеќе не дава одредени сервиси и вештачка интелигенција на израелското Министерство за одбрана, рече синоќа претседателот на корпорацијата, Бред Смит.
Компанијата објави дека сака да гарантира дека услугите на Мајкрософт не можат да бидат искористени за обемно следење на палестински цивили. „Ние не обезбедуваме технологија за овозможување на масовен надзор на цивили. Го спроведуваме овој принцип во секоја држава на светот и континуирано го поддржуваме повеќе од две децении“, напиша Смит.
Оваа одлука доаѓа откако британскиот весник „Гардијан“ објави податок на 6 август дека дел од израелската армија ја користи платформата „Азур“ на Мајкрософт за зачувување на информации од телефонски разговори.
Според објавата, податоците се собрани преку масовен надзор на цивили во Појасот Газа и на Западниот Брег. Мајкрософт во тоа време изјави дека ќе ги испита овие тврдења.
Иако истрагата сѐ уште трае, Смит изјави дека компанијата пронашла „докази што ги потврдуваат некои од елементите на информациите на „Гардијан“. Тој дополни дека се работи за употреба на услуги за вештачка интелигенција и пристап до капацитетот за складирање на „Азур“ во Холандија.
Смит, исто така, рече дека Мајкрософт е „фокусиран на тоа да се осигура дека нашите услуги не се користат за масовно набљудување на цивили“. Израелското Министерство за одбрана е известено за одлуката, додаде тој