Мажот кој запали хотел со азиланти во Англија, ја доби најголемата казна досега


Maжот кој запали оган пред хотел во Ротерам во кој престојуваа баратели на азил за време на минатомесечните немири е осуден на девет години затвор, пишува „Скај њуз“.

Тоа е најдолгата казна досега изречена во врска со минатомесечното насилство, кое избувна низ Велика Британија откако три девојчиња беа избодени до смрт на час по танц во Саутпорт.

Томас Бирли (27) од Свинтон, во близина на Ротерам, претходно се изјасни за виновен за подметнување пожар со намера да загрозува животи, учество во насилни нереди и поседување опасно оружје – телескопска палка.

Тој е осуден на девет години затвор.

Инцидентот се случи откако маскирани бунтовници упаднаа во хотелот Холидеј Ин Експрес во Ротерам, Јужен Јоркшир, кој се користеше за сместување на баратели на азил. Во нередите тој ден, 4 август, беа повредени 64 полицајци.

Бирли бил дел од групата за време на немирите кои ги скршиле прозорците на приземјето и ја нарекле полицијата „ебани ѓубриња“. За време на немирите, надвор од хотелот бил запален оган, а Бирли, сликар и декоратор, бил забележан како фрла парче иверка кон него. Бил забележан и како помага да се премести корпата за отпадоци кон огнот.

Џереми Ричардсон, судијата за изрекување на казната, рече дека е јано оти Бирли „имал намера да шири порака полна со омраза, насилство и расизам“. „Се чини дека имате ставови кои немаат никаква емпатија за оние кои бараат азил во Обединетото Кралство“, рече судијата.

„Рековте дека отидовте во хотелот за да го изразите вашето мислење. Она што го направивте беше поттикнато од објавите на социјалните мрежи. Знаевте дека ќе учествувате во насилството на расистичка толпа. Ставивте шал на лицето иако тоа беше топол ден“, му рекол судијата.

Немирите уследија по бранот дезинформации, претежно распространети преку екстремно десничарските профили на социјалните мрежи, во врска со идентитетот на осомничениот за убиството на девојчињата во Саутпорт, за кој погрешно се тврдеше дека е барател на азил кој пристигнал во Обединетото Кралство со брод.

Судијата рече дека случајот на Бирли е несомнено најсериозниот што тој го сретнал во врска со немирите пред хотелот.

06.09.2024 - 18:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега