Светот е згрозен од крвавиот поход во средното училиште во градот Тамблер Риџ, каде во вооружен напад животот го загубија најмалку девет лица. Меѓу преживеаните жртви е 12-годишната Маја, која со тешки прострелни рани во главата и вратот е префрлена во детската болница во Ванкувер, каде лекарите се борат за нејзиниот живот.
Семејството на девојчето, скршено од болка, упати јавен апел за помош и молитви. Нејзината мајка Сиа, во потресна порака од болничкиот кревет, го опиша ужасот низ кој поминуваат.
„Го пишувам овој пост додека мојата ќерка се бори за својот живот. Денес започна како и секој друг ден, а сега моето 12-годишно бебе е на интензивна нега поради прострелни рани. Никогаш не помислив дека ќе барам молитви, но ве молам, молете се за моето бебе“, напиша мајката на Маја.
Полицијата потврди дека напаѓачот е женско лице кое по масакрот извршило самоубиство. Иако идентитетот на жртвите не е официјално објавен, локалниот свештеник Џорџ Роу сведочи за тешките сцени каде семејствата со часови чекаат информации за своите деца.

