Најмалку 30 лица беа убиени кога вооружени лица упаднаа во село во нигериската држава Кадуна на северозапад во неделата, соопштија жителите, а помошникот на старешината на селото, Догон Рана, рече дека вооружените лица упаднале во населбата, пукајќи неселективно и палејќи куќи.
Меѓу загинатите има осум деца, додека четири лица се повредени, објави Ројтерс.
Насилството од вооружени банди и други криминални групи стана сериозен безбедносен предизвик во делови од северозападна и северно-централна Нигерија, каде што заедниците често се цел на смртоносни напади, потсетува агенцијата.
Североистокот на земјата е исто така потресен од бунт на исламистички милитанти од групата Боко Харам и отцепената фракција на ISVAP.
Ниту една група сè уште не ја презеде одговорноста за нападот во државата Кадуна.
Локалниот младински лидер, Ишаја Дава, рече дека напаѓачите упаднале во селото Наридон, во областа на локалната самоуправа Кауру, пред полноќ и отвориле оган врз жителите.
Дава рече дека некои селани биле брутално убиени, додавајќи дека неколку тела биле однесени во мртовечница.
„Жртвите биле жени, деца и постари лица“, рече тој.
Според него, напаѓачите ги запалиле куќите пред да избегаат, а безбедносните сили пристигнале во селото наутро, неколку часа по нападот.
Портпаролот на полицијата на државата Кадуна, Мансур Хасан, рече дека полициската команда наскоро ќе објави детали за инцидентот.


