Марта Кос во Софија: Лично ќе се ангажирам околу спорот на Македонија и Бугарија

 

Еврокомесарката за проширува Марта Кос денеска престојува во Софија, каде ќе има средби со највисоките бугарски политички претставници, а ќе учествува и на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“. 

Како што соопшти Европската комисија, Кос ќе се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот Росен Жељазков и со министерот за надворешни работи Георг Георгиев. 

Својата посетата на Софија, Кос ја потврди и во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од кој дел е и МИА, најавувајќи дека една од темите на разговори со нејзините домаќини ќе бидат и можностите за деблокада на пристапниот процес на земјава. 

Кос во интервјуто нагласи дека ЕК работи на тоа да и помогне на Северна Македонија да ги започне преговорите по кластери и дека таа лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија, па во тие рамки ќе отпатува за Софија „на средби со бугарските политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава“.  

На Форумот „ЕУ се среќава со Балканот“, покрај тоа што ќе има свое обраќање, Кос ќе има и панел дискусија со претседателот на Центарот за либерални стратегии од Софија, Иван Крастев. 

Форумот го организира Европскиот либерален форум, во соработка со Алијансата на либералите и демократите во Европа (АЛДЕ) и Атлантскиот клуб на Бугарија и на него политички претставници и членови на граѓанското општество ќе дебатираат за регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ. 

- Градењето силна поврзаност со балканските земји со цел нивно усогласување со вредностите, законодавството и стандардите на ЕУ преку обезбедување платформа за искрена дискусија на еднаква основа меѓу ЕУ и земјите кандидатки, се покажа од голема важност во сегашната нестабилна геополитичка средина. Последните две години донесоа нова енергија во пристапниот процес и дискурс и нов импулс за фундаментални и социо-економски реформи во балканските земји, се наведува во најавата на Форумот. 

17.04.2025 - 11:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега