Маричиќ: Очекувам позитивен сигнал од француското претседателство и почеток на преговорите

Искрено се надевам дека европерспективата на Западен Балкан останува меѓу приоритетите, но овојпат со реален исход – почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Се надевам дека претседавањето на Франција ќе ја промени динамиката во приближувањето на Западен Балкан, тргнувајќи од нашиот пример. Тоа ќе биде одличен сигнал за нас, но и за целиот регион, како и за враќање на довербата и кредибилитетот на ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“.

Маричиќ истакна дека земјава со години наназад е во процесот, а особено последните пет години покажа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите, посебно во клучните области. Европските извештаи, оцени, недвосмислено потврдуваат дека сме успешни и одиме напред.

-Реализиравме и една од нашите стратегиски цели, станавме членка на НАТО. Сега е крајно време да ги почнеме и пристапните преговори со ЕУ, порача вицепремиерот и додаде дека реформите продолжуваат, а целта е Европа да ја „донесеме“ дома.

Секое одолговлекување на почетокот на преговорите, посочи Маричиќ, ќе демотивира, а ќе ги демотивира и државите во регионот кои имаат отворени билатерални прашања, што отвора можност за уназадување на реформските процеси и стагнација на европеизацијата на општествата.

Тој се осврна и на проблемот со Бугарија, укажувајќи уште еднаш дека почнува ново ниво на соработка. Не смееме, подвлече вицепремиерот, да оставиме отворените прашања да ги оптоваруваат и натаму нашите билатерални односи и нашата евроинтерграција, ниту да го попречуваат нашиот евроинтеграциски пат. Но, дополни, освен што почетокот на преговорите е наш национален интерес, наш национален интерес е и да ги зачуваме јазикот и идентитетот.

– Со Бугарија успешно почнуваме нова сеопфатна платформа, нова соработка со нова енергија, силна динамика и дијалог без преседан во нашите досегашни билатерални односи. Очекуваме во позитивна атмосфера на меѓусебно уважување и ценење да стигнеме до посакуваните резултати и тоа решение да базира на европските вредности, со целосно разбирање за сите отворени прашања и потврдување на позитивниот дух на Договорот за пријателство и добрососедство за да се ослободи преговарачката рамка од страна на Бугарија и да се отворат преговорите преку реализација на првата Меѓувладина конференција во скоро догледно време. Не смееме да оставиме отворените прашања да ги оптоваруваат и натаму нашите билатерални односи и нашата евроинтерграција, ниту да го попречуваат нашиот евроинтеграциски пат. Но, освен што е тоа наш национален интерес – да ги почнеме преговорите, наш национален интерес е и да ги зачуваме јазикот и идентитетот, нагласи вицепремиерот.

Се води грижа, истакна, за се што е усвоено од Собранието како Декларација и црвени линии.

-Наша цел е полноправно членство со зачувување на јазикот и идентитетот. Од овие причини, токму сега е важно Унијата да даде зелено светло за почеток на преговорите и, како што кажа Вархеи, само така ЕУ ќе потврди дека интеграцијата на регионот е геостратешки приоритет и интерес, а секое натамошно одложување може дополнително да го загрози кредибилитетот на ЕУ. Реформите дома се приоритет, но преговорите и нивното што поскоро почнување ќе влијае врз политикчите процеси во државата, ќе биде поттик за европската агенда и поголем оптимизам кај граѓаните кои легитимно покажуваат сомнеж во остварувањето на нашите цели, рече Маричиќ.

Пред него се обратија и претседателот на државата Стево Пендаровски, како и евроамбасдадорот Дејвид Гир.

На тркалезната маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“ се и министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски, амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.

27.01.2022 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега