Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика попладнево продолжи со тензична расправа по предложените измени на Законот за минерални суровини, кој се носи по скратена постапка. Во досегашниот дел од дебатата, владејачкото мнозинство не прифати ниту еден од над 500-те амандмани поднесени од опозициската Левица.

Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, жестоко ги критикуваше измените нарекувајќи ги „бенигни“ и побара суштински системски реформи. Повикувајќи се на извештаите од Државниот завод за ревизија, таа алармираше дека институциите немаат капацитет за инспекциски надзор, што им овозможува на приватните концесионери да профитираат загадувајќи ја животната средина.

„Отсуствува систем на плаќање на концесиските надоместоци, нема размена на информации меѓу институциите, државата е во загуба, а институциите немаат кадар. Новото министерство само ги презеде ингеренциите од економија, без да воведе суштински систем“, истакна Мојсоска, потсетувајќи на случајот во Струга каде ископите ја загадија водата за пиење.

Од другата страна, претседателот на Комисијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, се согласи со забелешките на ревизијата, но презентираше нови податоци според кои наплатата на концесиски надоместок во периодот 2024-2025 е зголемена за 218 проценти.

Неговиот сопартиец Тони Јаревски појасни дека стравувањата на Левица се неосновани бидејќи овие конкретни законски измени не се однесуваат на приватните концесионери, туку исклучиво на претпријатијата во државна сопственост.

Пратеникот Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија додаде дека системот конечно проработува, потенцирајќи дека Владата досега еднострано раскинала дури 34 концесии токму врз основа на наводите од Државниот завод за ревизија.

Расправата дополнително се вжешти откако пратениците од власта ги обвинија пратениците од Левица за ширење дезинформации преку социјалните мрежи, тврдејќи дека нивните објави немаат допирни точки со реалните предложени измени. Поради тензичната атмосфера, седницата беше прекината со пауза.

Exit mobile version