Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишен скопјанец кој се сомничи за кривично дело – Обид за убиство. Инцидентот поради кој е отворена истрагата се случил на 23 април по полноќ, пред угостителски објект во главниот град.
Според информациите од Обвинителството, крвавиот настан бил претходен од кратка вербална расправија во внатрешноста на локалот, која набрзо прераснала во физичка пресметка надвор од објектот. Истрагата утврдила дека оштетениот прв физички го нападнал 25-годишниот осомничен. Во тој момент, осомничениот извлекол нож и му задал повеќе убоди на оштетениот во пределот на градниот кош, грбот и стомакот.
Жртвата веднаш добила лекарска помош, по што е констатирано дека повредите се санирани и лицето е пуштено на домашно лекување.
Имајќи ги предвид сите специфични околности на настанот – вклучително и фактот дека осомничениот претходно бил физички нападнат од жртвата – надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка куќен притвор, наместо ефективен притвор.


