Околу 250 деца со попреченост, од кои најголем дел се првачиња, ја започнаа новата учебна година без потребната поддршка од образовни асистенти, обвини Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ на денешната прес-конференција.

Според СДСМ, изостанувањето на оваа поддршка предизвикало страв и неизвесност кај децата и нивните родители уште на самиот почеток од училишниот процес.

„Хаосот што Мицкоски и Јаневска го создадоа во образованието продолжува секоја учебна година. Над 3.000 првачиња помалку, 26 затворени училишта, 433 паралелки помалку. Нема сегмент во образованието каде што не е хаос. И децата со попреченост останаа без потребната поддршка од образовен асистент. Околу 250 деца од кои најголем број првачиња на 1-ви септември се без образовните асистенти што им се потребни. За нив и за нивните родители, првиот училишен ден не беше ден на радост, туку ден на страв, разочарување и неизвесност“, изјави Манасков.

Од опозициската партија посочуваат дека министерката за образование Весна Јаневска веќе трета година по ред дозволува учебната година да започне без навремено обезбедена поддршка за децата со попреченост.

„Образовниот асистент е неопходна поддршка за децата со попреченост – поддршка што им овозможува да ја следат наставата, да учествуваат во училишниот процес и да ги остваруваат своите права рамноправно со другите деца. Кога таа поддршка ја нема последиците директно ги чувствуваат и децата и нивните семејства. Јаневска треба да одговори зошто ги остави децата со попреченост без образовни асистенти? Училиштата ги доставиле барањата за образовна асистенција за првачињата уште до 30 јуни, по завршувањето на уписите. Што направи Министерството за образование со тие барања? Зашто ако постапката за вработување трае повеќе од 20 дена, тогаш е јасно дека и со започнување на постапката сега, дел од овие деца реално би добиле образовен асистент дури по 20 септември“, истакна тој.

Манасков порача дека инклузијата мора да биде реалност во училниците и побара итна реакција од надлежните за да не остане ниту едно дете без асистент.

„Министерке, децата не се само бројка во табела. Тие имаат право на образование, право на еднакви можности и право на поддршка согласно нивните индивидуални потреби. Инклузијата не смее да биде само збор во стратегии и документи. Таа мора да биде реалност во секоја училница. А денес реалноста е дека деца со попреченост се оставаат без поддршка уште на првиот ден од учебната година. СДСМ бара итно да се решат проблемот и ниту едно дете со попреченост да не остане без потребната образовна поддршка“, заклучи Манасков.

Exit mobile version