Кога делата ја демантираат реториката, вистинското лице на Левица и Мојсоска се разобличува, рече на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Левица и Мојсоска кои проповедаат чесност и скромност, имаат две лица, едно пред камери и едно зад камери, вели Манасиевски.
„Она пред камери е лажното, каде што се претставуваат како чесни, скромни, неподмитливи, луѓе на народот, а она вистинското лице си го покажаа зад камерите, кога цело раководство на президиумот на Левица инкасирало средства налик на патни трошоци, од сопствената партиска трансакциска сметка“, посочи Манасиевски.
Манасиевски исталкна дека според она што го имаат добиено од свиркачи од Левица, Мојсоска си го покажа вистинското лице.
„Имено, на ден 26.04.2024 земала 123.000 денари, на 03.02.2023 земала 96.862 денари, додека само оваа година, додека Мојсоска е пратеник, во месеците јуни и јули, земала на 3 пати по 54.000 денари.
Нели е повеќе од доволна пратеничката плата? Нели е лицемерно, да од една страна глумите некакви аскети, а од друга страна ја цедите својата политичка партија?
Вистинското лице на Мојсоска и Левица е разобличено!“, нагласи Манасиевски.