Опозициските партии СДСМ и Левица преку поднесување на десетици илјади амандмани вршат блокада на предложените измени на Изборниот законик во Собранието, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски. Според него, овој законски текст претходно бил предмет на повеќемесечни меѓупартиски договори и усогласувања.

Од владејачката партија посочуваат дека мотивот за ваквиот чекор на опозицијата е поврзан со нивните очекувања за претстојниот изборен исход и реализацијата на владините реформи.

„Катастрофалниот резултат кој ќе го имаат и СДС и Левица на следните избори, како и успехот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во делот на реализација на Реформската агенда и повлекување на средствата од Планот за раст, го вклучи алармот во двете партии и се здружија заедно во блокирање на реформскиот закон односно Изборниот законик.“

Манасиевски потенцираше дека предлог-законот веќе ги содржи сите забелешки на ОБСЕ и ОДИХР, оценувајќи ги новите амандмани како несуштински и штетни за државната Реформска агенда.

Тој упати јасен повик до претседателите на двете опозициски партии за постигнување конечен консензус во Собранието.

„Врз основа на тоа, јасно укажавме дека оваа коалиција на Филипче и Апасиев, да поднесат амандмани за корекција на начинот на заокружување на гласачкото ливче, да поднесат амандмани за процесот за поднесување на приговори, да ги повлечат другите демагошки амандмани кои ги поднесоа и заедно сите политички чинители во консензус да го донесеме Изборниот законик.“

Како клучно барање од кое владејачкото мнозинство нема намера да отстапи е наведено олеснувањето на изборниот процес за македонските иселеници.

„Единствено што бараме и тоа е нашта црвена линија и беше прифатено, тоа е нашата македонска дијаспора на следните претседателски избори да гласа по електронски пат.“

На крајот од своето обраќање, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата упатени на сметка на партиските стратегии на власта.

„Нема да дозволиме СДС и Левица на чело со Филипче и Апасиев, да си создаваат алиби за дебаклот што ги чека на следните избори. ВМРО-ДПМНЕ не работи по стапките на СДС, во чии редови очигледно им работи Фројд. Тоа што тие би го направиле, нам ни на мисли не ни поминува.“

Exit mobile version