Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска упати остри критики до опозициската СДС, обвинувајќи ги лидерот Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев за спроведување на туѓи агенди. Според Манасиевски, насоките за дејствување на партијата сега доаѓаат директно од советникот Зоран Башановиќ.
Тој истакна дека СДС целосно го изгубила својот државотворен капацитет и се претворила во алатка за задоволување на туѓи интереси.
„Коленичењето спрема одредени наши соседи и уважување на нивните барања е политика која е антидржавна, а таа е во статутот на СДС. Заев, Филипче и Башановиќ ја промовираат и предаваат оваа политика која е штетна за Македонија и македонскиот народ“, изјави Манасиевски.
Од владејачката партија додаваат дека токму ваквото однесување е причината за нискиот рејтинг на Филипче, нагласувајќи дека СДС не ја научила лекцијата што им ја одржал народот на изборите.


