Од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со обвинувања дека раководството на СДС, предводено од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, се ставило во служба на српската опозиција. Членот на ЦК на партијата, Валентин Манасиевски, на прес-конференција истакна дека партијата станала „маргинална“ поради лични интереси.
Според Манасиевски, „Димитријевиќ и СДС се ставија на услуга на српската опозиција, станаа маргинална партија во Македонија поради лични интереси на Зоран Заев и Зоран Башановиќ“.
Тој тврди дека генералниот секретар на СДС остварил средба со Бранко Ружиќ, поранешен министер за образование во Србија, кој според неговите зборови, дошол во Македонија со цел да оформи опозициски фронт за заедничка соработка. Манасиевски потсети дека Ружиќ минатата година бил суспендиран од СПС поради јавни ставови против власта во Србија.
Од партијата директно го прашаа Димитријевиќ за деталите околу наводната средба во Скопје. „Го прашуваме директно Димитријевиќ, генералниот секретар на СДС, дали средбата која се одржала во Скопје, српскиот политичар Бранко Ружиќ дошол во Македонија со бела шкода со регистарски таблички BG 3020 UC?“, праша Манасиевски.
Исто така, беше поставено прашање дали на средбата присуствувал и друг висок функционер од Србија. ВМРО-ДПМНЕ најави дека утре на прес-конференција ќе го открие името на вториот функционер со кој, според нив, се договарала соработката.


